Градската општа болница 8-ми Септември и годинава ја носи титулата за најуспешна здравствена установа за 2014 година. Според извештајот на Фондот за здравство, болницата покажала најдобри резултати според типот на здравствени услуги. Извештајот за минатата година се однесува на болниците и нивното работење, пред се наменет на општите болници и здравствените услуги кои ги даваат.
Според новиот директор на Фондот за здравство, оваа болница е најдобра во три од петте најбитни категории, односно според степенот на сложеност на укажани здравствени услуги, најголем број извршени хируршки интервенции и вкупен број лекувани пациенти.
– Ако се собере бројот на хируршките интервенции извршени во Универзитетските клиники, ГОБ 8 Септември Скопје, Специјална болница по гинекологија и акушерство Чаир Скопје, ПЗУ Филип 2, ПЗУ Клиничка болница Систина, ПЗУ Систина офталмологија, ПЗУ Европска очна болница се добива податок дека 63,1 отсто од сите хируршки интервенции се изведуваат на територија на град Скопје. Во ГОБ „8 Септември“, 49 отсто од пациентите се со извршени хируршки интервенции, додека кај сите други општи болници просекот на хируршки интервенции е околу 28 отсто, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски, појаснувајќи го вториот параметар во извештајот.
Според него, зголемениот број заболени кои побарале интервенции во болниците се должи на зголемената можност за подобра дијагностика и подобрата здравствена култура на граѓаните, што е резултат и на зголемената свест кај луѓето и на кампањите кои минатата година го таргетираа населението за да ја зголемат свесноста за подобро здравје.
– Следствено на тоа расте и индексот на сложеност на интервенциите кои секоја година се вршат во оваа општа болница. Во текот на изминатата година оваа болница го зголеми капацитетот со повеќе нови апаратури со кои е подобрена дијагностиката на пациентите кои се лекуваат таму, истакна Стефаноски.
Анализата за типот на нега која ја даваат болниците, покажала дека во општите болници или има малку, или воопшто нема хируршки интервенции, освен во “8-ми Септември” каде што речиси 50% од пациентите се оперирани. Во врска со престојот на пациентите во болниците се забележува континуирано намалување.
Годишниот извештај за 2014 година опфаќа 61 здравствена установа. Инаку, во 2014-та се лекувани 234.642 пациенти, што претставува за 5% повеќе од претходната година.
Борис Грујоски