За нас
Историја
Градската општа болница „8-ми Септември“ е изградена во почетокот на 1970 година како голема регионална воена болница за поранешната Армија на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. За денешната далеку помала Армија на Република Северна Македонија, болницата има преголем физички капацитет. Болничкиот дел е сместен на 8 ката, при што секој кат има по две одделенија поврзани со заеднички ходник. На секое одделение има по 32 кревета. Првичниот број кревети за хоспитализирани пациенти беше околу 500 кревети. На пониските катови има поликлинички амбуланти, дијагностички кабинети, операциони сали и помошни служби.
Болницата е изградена на голема парцела која е оддалечена околу 2,5 км од центарот на градот. Вкупната површина на објектот е околу 40.000 м2 од кои 4.000 м2 се доделени на приватна болница за кардиохирургија и 700 м2 на приватна стоматолошка клиника.
Во втората половина на 2009 година главна задача беше постоечката Воена болница да се подели на два дела, при што едниот дел се пренесе во сопственост на Министерството за здравство, а останатиот помал дел од болницата остана под Министерство за одбрана како воена амбуланта.
Болницата соработува со сите општи и клинички болници и здравствени домови во градот Скопје и државата со тоа што презема и третира пациенти во секундарна и терциерна здравствена заштита, потоа соработува со приватните концесионерски општи амбуланти, со општата служба за итна медицинска помош (брза помош), со Републичкиот Завод за Трансфузиологија, Институтот за Јавно Здравје, Министерството за Здравство, Фондот за Здравствено Осигурување на Македонија и Министерството за Одбрана со кое има потпишано меморандум за пружање здравствена заштита на воените осигуреници.